За прв пат по две години, фудбалерите на Барселона денеска се вратија на својот стадион „Камп Ноу“, кој е во процес на реновирање. Тие одржаа отворен тренинг пред дел од своите навивачи.
Тренингот се одржа утрово, а сопствениците на сезонски билети платија 5 евра за да може да го следат овој тренинг од трибините. Оние кои немаат сезонски билети мораа да платат карта која чинеше 10 евра.
Вкупно 22.000 навивачи ги исполнија трибините за да ги гледаат ѕвездите на Барселона, а приходите ќе одат во проектот „Пулсерас Блаугранас“, кој собира пари за менталното здравје на хоспитализирани деца и тинејџери.
Стадионот „Камп Ноу“ е затворен од 2023 година поради реновирање, а проектот чини речиси 1,5 милијарди евра.
📍 Spotify Camp Nou
📸 @ManelMontilla pic.twitter.com/ObM624VAXx
— Mundo Deportivo (@mundodeportivo) November 7, 2025
Спортскиот објект е далеку од завршен, многу области се уште се недостапни, насекаде нема поставено настрешница и завршните работи продолжуваат.
Малку е веројатно дека Барселона ќе добие дозвола да игра на „Камп Ноу“ до крајот на календарската година, дури и со намален капацитет, бидејќи отворањето, кое веќе е одложено неколку пати, веројатно ќе биде одложено за 2026 година.
Барселона в недела ќе гостува во Виго кај Селта.

