Барселона победи против Жирона, но загуби пет милиони евра!

Барселона не дозволи никакво изненадување и славеше против Жирона во дуел на двата клуба од Каталонија. Со оваа победа, Барселона ја задржа предноста пред второпласираниот Атлетико Мадрид, а Реал Мадрид дури и да победи вечерва против Еспањол на гости, ќе остане на двоцифрена негатива.

Првиот гол за Барселона на денешниот меч го постигна Нелсон Семедо во деветтата минута, а триумфот го потврди Лионел Меси со прекрасен лоб-удар во второто полувреме. За Семедо тоа беше прв погодок во дресот на Барселона и додека сите соиграчи и навивачи се радуваа на погодокот на Португалецот, касата на каталонскиот клуб стана попразна за 5 милиони евра.

За Семедо ова беше 50-ти меч на којшто има одиграно барем 45 минути, а на тој начин се активираше и клаузулата од договорот кој беше потпишан со Бенфика во јули 2017 година. Во тој договор стои дека Барселона треба да плати 30,5 милиони евра фиксна сума за оштета, но дека ќе следуваат и дополнителни пет милиони евра ако Семедо во новиот клуб одигра барем 50 меча по 45 минути, а тоа се случи денеска.

- Оглас -

Најнови вести