Барселона после новиот шок со Нико Вилијамс, се насочува кон Луис Дијас

Каталонскиот гигант Барселона повторно се најде во потрага по ново решение за лево крило, oткако стана јасно дека Нико Вилијамс останува во Атлетик Билбао. Шпанските медиуми го опишуваат овој расплет како „шок“, имајќи предвид дека младата ѕвезда беше голема желба на каталонскиот клуб уште од минатогодишниот летен преоден рок.

Нико Вилијамс потпиша нов долгорочен договор со Баскијците до 2035 година, а клубот објави дека неговата откупна клаузула е зголемена за повеќе од 50%. Досега таа изнесуваше 60 милиони евра, што значи дека сега е минимум 90 милиони – износ што ќе ги одврати сите клубови кои не се подготвени веднаш да ја активираат клаузулата.

Во потрага по алтернатива, Барселона повторно го врти погледот кон Луис Дијас, колумбискиот репрезентативец кој настапува за англискиот шампион Ливерпул. Според проценките, неговата вредност е околу 70 милиони евра, а договорот со Црвените му истекува во летото 2027 година.

Луис Дијас пристигна на „Енфилд“ од Порто во 2022 година за 45 милиони евра, плус 15 милиони во бонуси. Досега има одиграно 149 натпревари за Ливерпул, постигна 41 гол и запиша 23 асистенции.

За него сериозен интерес покажува и Баерн Минхен, но Ливерпул засега нема намера да го пушти да си замине.

- Оглас -

Најнови вести