Шпанскиот шампион Барселона денеска потврди дека во новата сезона домашните натпревари ќе ги игра на стадионот „Монжуик“ бидејќи „Камп ноу“ ќе се реновира.
Стадионот „Монжуик“, кој има капацитет од 60.000 седишта, е изграден за Олимписките игри во Барселона во 1992 година. На овој стадион своите домашни натпревари ги играше Еспањол од 1997 до 2009 година и оттогаш ниту еден тим не игра на овој стадион.
A place we call home pic.twitter.com/1ukDrc0NRA
— FC Barcelona (@FCBarcelona) August 8, 2023
Барселона уште во март годинава ја извести Фудбалската федерација на Шпанија дека во новата сезона нема да игра на „Камп ноу“. Шпанските медиуми пишуваат дека реконструкцијата на стадионот ќе чини околу 1,5 милијарда евра.
Во сезоната 2024/25, Барселона планира да се врати на „Камп ноу“, но ќе користи само 50 отсто од капацитетот бидејќи реконструкцијата се очекува да заврши во летото 2025 година. По реконструкцијата, ќе биде зголемен капацитетот на „Камп ноу“ од 98.000 на 105.000 седишта.