20.8 C
Skopje
среда, 6 август 2025

Барселона поведува дисциплинска постапка против Тер Штеген

Голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, одбил да даде согласност Барселона да ја извести Ла Лига за неговата повреда и операција. Според „Мундо Депортиво“, клубот покренал дисциплинска постапка против него. Правниот тим на каталонскиот клуб го презел случајот, а 33-годишниот германски голман речиси сигурно ќе се соочи со казна.

Постапката на Тер Штеген има директни последици за клубот. Доколку се докаже дека повредата е сериозна и дека нема да закрепне во следните пет месеци, клубот би можел 80% од неговата плата да му даде на друг играч. Тер Штеген, се разбира, не сака да остане без голем дел од својата плата.

Ова е дел од договорот меѓу Барселона и раководството на Ла Лига, кој беше воведен откако клубот речиси банкротираше во време на пандемијата на коронавирусот. Оттогаш, Барселона смее да троши само колку што заработува и мора да ги задржи платите на играчите и персоналот во зададените рамки.

Тешката и долготрајна повреда на Тер Штеген би му овозможила на клубот да регистрира нов голман, 24-годишниот Жоан Гарсија. Слична ситуација се случи минатата сезона, кога Барселона успеа да го регистрира Дани Олмо поради тешката повреда на Андреас Кристенсен.

Од Барселона го повикале Тер Штеген на разговор, но тој не се одѕвал. Состојбата меѓу играчот и клубот е напната, пишува „Мундо Депортиво“. Тер Штеген е во Барселона од 2014 година и има одиграно 422 натпревари за клубот, освојувајќи ја Лигата на шампионите и шест титули во шпанското првенство.

- Оглас -

Најнови вести