Во Барселона повторно се „загрева“ атмосферата околу Дани Олмо. Според „Мундо депортиво“, шпанскиот репрезентативец моментно е само привремено регистриран за настап во Ла Лига, а на 1 септември е закажано судско рочиште кое може да биде клучно за неговиот статус.
Доколку одлуката биде неповолна за клубот, Барса ќе мора веднаш да го одјави Олмо, што значи дека тој нема да смее да игра во целата есенска полусезона. Единствена нова шанса за регистрација би имал дури во јануарскиот преоден рок.
Проблемите со правото на настап на поранешниот играч на Лајпциг не се новост. Минатата сезона Олмо беше регистриран само по исклучок поради повредата на Кристенсен, но таа дозвола истече на 31 декември 2024. Краткорочно решение донесе врховниот спортски суд, кој со привремена одлука му овозможи да игра до крајот на сезоната.
Сега, неговата судбина повторно зависи од Националниот суд, кој треба да донесе конечна одлука.
Барселона е ограничена и од строгото „правило 1:1“ во Ла Лига, секоја нова плата мора да биде покриена со еднаква заштеда или приход. Тоа е и најголемиот проблем за целосна интеграција на Олмо во ростерот.
Тренерот Ханси Флик сериозно смета на Олмо како важен дел од офанзивата. Оваа сезона тој веќе има два настапи, а во дресот на Барселона досега има вкупно 41 натпревар, со 12 гола и седум асистенции. Неговиот договор важи до 2030 година.