9.8 C
Skopje
вторник, 18 ноември 2025

Барселона претера со цените за првиот меч на реновираниот „Камп ноу“, најевтиниот билет е 199 евра

По две и пол години во „егзил“, Барселона конечно се враќа во својот реновиран дом, „Камп ноу“. Долгоочекуваниот настан ќе биде в сабота, на натпреварот против Атлетик Билбао, во рамките од шпанското првенство. За овој меч на стадионот ќе има максимум 45.000 гледачи.

Радосната вест дека каталонскиот гигант се враќа на „Камп ноу“ беше нарушена откако беше соопштено колку ќе чинат цените за билетите. Цената на билетите за овој посебен натпревар предизвика вистински шок кај навивачите. Најевтиниот билет, за седиште зад една од вратите или во аглите на стадионот, ќе чини неверојатни 199 евра.

Цените растат прогресивно, достигнувајќи 589 евра за билет на централната трибина на првиот кат. Важно е да се напомене дека ова не се ВИП билети. Цените во премиум категоријата, кои овозможуваат пристап до ложата, достигнуваат 1.000 евра.

Членовите на клубот (социос) ќе имаат 20% попуст на овие суми. Во меѓувреме, клубот работи и на организација на сезонски билети. Околу 23.000 сопственици на картички од престојот во „Монжуик“ ќе имаат предност за повластени билети со пониски цени.

Инаку засега сè уште не е јасно дали тимот на Ханси Флик ќе може да ги игра своите натпревари од Лигата на шампионите таму бидејќи раководството продолжува со преговорите со УЕФА за ова прашање. Во Лигата на шампионите Барселона на свој терен ќе игра против Ајнтрахт Франкфурт на 9 декември.

- Оглас -

Најнови вести