По девет години поминати во Реал Мадрид Марко Асенсио и официјално најави дека ќе се збогува од Кралскиот клуб на крајот од сезоната. Во јуни истекува договорот на Асенсио, нема да има продолжување на верноста, што значи дека тој како слободен играч може без никакво обештетување да одбере нов клуб.
Повеќе клубови се спомнуваат како следна дестинација на Асенсио, меѓу кои се ПСЖ, Јувентус, Астон вила, но и најголемиот ривал на Реал Мадрид, каталонската Барселона.
Според „Мундо Депортиво“, каталонскиот гигант е подготвен да упати понуда до Асенсио, но постои еден проблем.
„Чави Ернандес и челниците на клубот го ценат Асенсио кој набрзо ќе биде слободен играч. Веруваат дека тоа е фудбалер кој лесно ќе се вклопи во играта на Барселона и ќе биде вистинско засилување на тимот. Неговиот агент Жорге Мендеш е во одлични односи со претседателот на Барселона, Жоан Лапорта. Сепак, Барселона нема да сака да ризикува да влезе во евентуална војна со Реал Мадрид. Во клубот се плашат дека со евентуално доведување на Асенсио, Реал може да тргне во „лов“ на дел од фудбалерите на Барселона“, пишува Мундо Депортиво во својата анализа.
Асенсио во дресот на Реал Мадрид одигра 285 мечеви во кои постигна 61 гол, а имаше и 32 асистенции. Се радуваше на дури 17 трофеи во сите најважни натпреварувања.