Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, наскоро ќе објави дека каталонскиот клуб се повлекува од идејата за формирање на европска Суперлига, тврди радиото Кадена Сер.
Според радиото, управата на Барселона на овој чекор се одлучила бидејќи е револтирана од постапките на челниците на Реал Мадрид по избивањето на скандалот Негреира кој го тресе каталонскиот клуб. Лапорта и неговите соработници, наводно повеќе не можат да бидат партнери во проектот европска Суперлига со Флорентино Перес и Реал Мадрид кои покренуваат тужби против нив, тврди Кадена Сер.
Барселона е под истрага откако беше откриено дека со години плаќала милиони евра на компанија во сопственост на поранешниот потпретседател на судиската комисија во Ла Лига, Хозе Марија Енрикес Негреира, за писмени и видео извештаи за проценките на судиите пред натпреварите. Плаќањата, биле извршени помеѓу 2001 и 2018 година.
Во 2021 година, дел од најбогатите европски клубови се обидоа да формираат затворено натпреварување Суперлига, но проектот пропадна за помалку од 48 часа по големите реакции на навивачите, на УЕФА, како и на политичарите.
Поради големиот притисок од јавноста, први кои се повлекоа од проектот беа шесте англиски екипи Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Манчестер Сити, Челси, Тотенхем, Арсенал, италијанските Милан и Интер како и Атлетико Мадрид. Верни на проектот останаа само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, а доколку се покажат како точни тврдењата на шпанското радио, тогаш и Барселона ќе се повлече од проектот.