Барселона синоќа доживеа нов голем удар откако загуби на гостувањето во Билбао од Атлетик со 1:0 и беше елиминирана од Купот на Шпанија. Тоа е за првпат по шест години Барселона да не игра во финалето на ова натпреварување. Голот што ги елиминираше и донесе голема радост на „Сан Мамеш“ беше постигнат во 93-тата минута, односно на неколку моменти пред крајот.
Освен што беа елимнирани во Купот, во Барселона воопшто нема добра атмосфера. Лионел Меси му се налути на спортскиот директор Ерик Абидал за изнесените обвинувања дека дел од играчите не се залагаат доволно на тренинзите и на мечевите, па капитенот побара сите тие играчи да бидат посочени со име и презиме, а не да се фрла дамка врз сите.
Според шпанските медиуми, целата криза во Барселона започнала уште пред мечот против Валенсија, кога на гостувањето на „Месталја“, Меси одби да го направи традиционалниот ритуал, а тоа е да одржи мотивациски говор. Тој момент кога Меси едноставно ги одминува соиграчите е забележан и на видеоснимка, која може да ја погледнете ТУКА.
И додека на Барселона ѝ „бега“ сезоната, претседателот на клубот, Хосеп Марија Бартомеу, вели дека е горд на своите играчи.
„Разочаран сум што испаднавме во Купот, но горд сум на амбициите и пристапот кој го покажавме. Му честитам на Атлетик за победата и на нашите навивачи кои допатуваа тука за да не бодрат. Имам голема доверба во стручниот штаб и играчите и знам дека до крајот ќе се бориме за титулите во Ла Лига и Лигата на шампионите“, порача првиот човек на Барселона, Бартомеу.