Барселона лошо стартуваше во Лигата на шампионите откако со 2:1 загуби на гостувањето кај Монако. Речиси цел меч Барселона играше со фудбалер помалку откако црвен картон во 11-тата минута доби Ерик Гарсија.
Монако ја искористи бројчаната предност и поведе со 1:0, и тоа само пет минути откако Барселона доби црвен картон.
Ламин Јамал израмни во 28-мата минута, гол со кој 17-годишниот тинејџер стана вториот најмлад стрелец во историјата на Лигата на шампионите.
Сепак, Барселона не издржа во второто полувреме со играч помалку и Монако со гол во 71-вата минута стигна до нова предност, овојпат од 2:1, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
Со 2:1 победи и Атлетико Мадрид против Лајпциг. Гостите од Германија први дадоа гол преку Шешко, но Атлетико по којзнае кој пат покажа дека на домашен терен е многу опасен и никогаш не се предава. Гриезман израмни на 1:1 во 28-мата минута, а во последната 90-та минута Хименес со глава погоди за 2:1 и комплетирање на пресвртот. Во 83-тата минута кај Лајпциг во игра влезе Елиф Елмас.
Брест стигна до историски триумф во ЛШ, и тоа на домашен терен против Штурм, победувајќи со 2:1.
Аталанта и Арсенал одиграа без голови, а домаќините може да жалат што не се радуваа откако во 51-вата минута промашија пенал.