Младиот аргентински напаѓач и член на Интер, Лаутаро Мартинес, е сè поблиску до потпис со Барселона. Ова го тврдат каталонските медиуми, кои очекуваат во летниот преоден рок Аргентинецот да се пресели во редовите на шпанскиот првак.
Барселона веќе подолго време се обидува да го купи Мартинес, но не сака да плати 111 милиони евра, колку што е откупната клаузула на 22-годишниот напаѓач. Затоа, од Барселона се обидуваат на најразличен начин да стигнат до посакуваната комбинација за да го примамат Аргентинецот од Интер.
Според пишувањата на каталонскиот весник „Спорт“, постои опција Барселона да плати 60 милиони евра и да испрати двајца фудбалери во тимот од Милано. Артуро Видал е играч кој беше на листата на желби на Интер, а вториот во „пакетот“ би бил еден од Ракитиќ, Умтити, Семедо или Алена.
Во Барселона веруваат дека со евентуалното доаѓање на Лаутаро, ќе најдат одлична замена за уругвајската ѕвезда Луис Суарес.