Барселона со Флик е гол-машина: Втор најбрз период да се надмине границата од 100 гола

По серијата од три порази на домашен терен во првенството, Барселона синоќа немаше милост во дуелот против Валенсија и славеше со убедливи 7:1. Барселона започна фуриозно и по првите 24 минути водеше со 4:0, а на крајот стигна до најубедливата победа сезонава.

На овој меч против Валенсија, Барселона ја надмина бројката од 100 постигнати погодоци сезонава во сите натпреварувања. Вкупно 101 погодок има каталонскиот гигант само во 32 одиграни дуели под водство на тренерот Ханси Флик. Тоа е просек од 3,16 погодоци на меч.

Магичната бројка од 100 гола само во 32 меча со Флик на чело е вториот најдобар биланс во клупската историја на Барселона. Само во далечната 1959 година, кога на клупата бил Хеленио Ерера, Барселона стигнала до 100+ погодоци во 31 натпревар.

Сега на Флик тоа му успеа во 32 средби и германскиот стратег на оваа листа се најде пред Луис Енрике (34 средби), Тито Виланова (34 средби), Доменгес Балманја (36 средби), Ладислао Кубала (36 средби) и Хосеп Гвардиола (37 средби).

Од овие 101 погодоци постигнати во првите 32 средби со Флик на чело, вкупно 15-мина фудбалери ги тресеа мрежите на противниците. Роберт Левандовски е предводник со 29 гола, а потоа следуваат Рафиња со 23 гола, Ламин Јамал со 9, Феран Торес 7, Дани Олмо 6, Педри и Пабло Торе по 4…

- Оглас -

Најнови вести