Барселона е во потрага по квалитетен играч од одбраната. Според најавите на каталонскиот весник „Спорт“, најдоцна до утре ќе треба да се знае името на играчот кој треба да дојде на „Камп ноу“.
Барселона сезонава има големи проблеми во одбраната, а дополнителни главоболки беа создадени по повредите на Томас Вермален и Самуел Умтити. Во ситуација кога нема доволно квалитетни играчи во дефанзивниот ред, тренерот Ернесто Валверде побара управата брзо да реагира и да му доведе засилување во одбраната.
Дилемата е меѓу двајца играчи. Андреас Кристенсен од Челзи е приоритет. За него се нудат три милиони евра да дојде како позајмен играч до крајот на сезоната, со евентуална можност подоцна за откупување на договорот за сума од 40 милиони евра. Сепак, опцијата да дојде Данецот е помалку веројатна.
План Б е да се донесе Џејсон Муриљо од Валенсија. Двата клуба речиси и се договорија, а тоа и воопшто не беше тешко ако се знае дека Муриљо речиси и да не игра за „лилјаците“, па Валенсија без проблем би го дала под наем, и тоа за сума од еден и пол милион евра.