Управата на Барселона продолжува да бара начин како да го врати Лионел Меси на „Камп ноу“ и засега единствено решение е продажба на фудбалери, дури и на тие кои ги смета за иднина на клубот, како Рафиња.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, прави сè за да го врати Меси на „Камп ноу“, но голема пречка во реализацијата на оваа идеја е финансискиот ферплеј.
Долговите на Барселона изнесуваат околу милијарда евра, а згора на тоа Ла Лига го обвини каталонскиот тим дека го прекршил финансискиот ферплеј со ангажирање на тројца фудбалери за време на сезоната 2021/22 и поради тоа, работата на клубот е под лупа на шпанските фудбалски власти.
Весникот „Ас“ пишува дека сега на излезни врати од „Камп ноу“ е бразилскиот репрезентативец Рафиња, кој сезонава досега постигна девет гола и има 10 асистенции. Рафиња во Барселона пристигна минатото лето од Лидс, во трансфер вреден 58 милиони евра, и во него гледа како на еден од носителите на играта во иднина. Но, само по една сезона, Бразилецот ќе биде принуден да си замине за да се направи место за Меси.
Голем интерес за Рафиња пројавуваат премиерлигашите Арсенал, Њукасл и Тотенхем, а во пол-позиција се наоѓаат Топчиите, кои и минатото лето сакаа да го ангажираат.