Јосип Бартон беше судијата кој даде старт на почеток на хуманитарниот меч меѓу Вардар и Црвена ѕвезда. Бартон е во судиска пензија, но со својата работа и посветерено во изминативе три децении, секако дека заслужи да биде човекот кој ќе означи старт на еден ваков натпревар кој се одигра пред речиси 30.000 гледачи.
„Ова беше голема чест за мене, која претходното раководство не ми ја даде. Со три децении напорна и чесна работа, сигурно заслужив да имам едно достојно испраќање. Тогаш тоа раководство не ми го дозволи, но тама можеби испадна и подобро, затоа што сега се простив од судењето пред 30.000 гледачи. Се наежив, солзи ми дојдоа, аплауз од сите 30.000 гледачи и знаеш дека доаѓа крајот“, Бартон споеделува дел од емоциите на последниот негов меч како судија.
По излегувањето од теренот, Бартон доби подароци од Вардар, од Црвена ѕвезда, но и од фудбалската федерација на Македонија. Со искуството кое го има стекнато, Бартон очекувано не заминува целосно од судењето и фудбалот. Од неодамна тој беше назначен за Претседател на комисија делегирање при ФФМ.
„Тоа е многу одговорна функција каде што треба на сите судии да се мисли. Се трудам да биде се најдобро. Секој судија заслужува шанса од него зависи дали ќе ја искористи. Нашата политика е секогаш да бидеме транспарентни за било кого. Нема криење. Нормално е да има и грешки, тоа е човечки фактор. Само да не биде намерна грешка и со цел некој да се оштети или друг да се фаворизира. Благодарност до ова раководство на ФФМ и на претседателот Масар Омерагиќ кој дава максимална поддршка на судиската организација“, вели Бартон.
Од следна сезона во македонскиот фудбал треба да биде поставен и ВАР системот, а Бартон верува дека тогаш ситуацијата на судиите ќе им биде олеснета, но сепак тие се оние што го имаат последниот збор на теренот.
„Од следната сезона треба да биде уште почисто. И до сега е чисто, но грешките ќе се смалат на минимум. Дури и ВАР системот, ако е технологија на крајотсе зависи од човечки фактор. Главниот судија е тој што го има последниот збор“, вели Бартон.
Освен во фудбалот, Бартон беше одличен и како футсал судија. Како врв во кариерата му беше довербата да го суди финалето на футсал Европското првенство меѓу Шпанија и Португалија во 2018 година во Словенија. На домашна сцена, го судеше мечот за титула меѓу Вардар и Турново во 2013 година, кога скопските Црвено-црни победија убедливо со 5:0 и ја освоија титулата.