Второлигашот Башкими направи сензација на бараж-натпреварот во Кавадарци совладувајќи го досегашниот прволигаш Беса со 2-0 и успеа да обезбеди пласман во Првата фудбалска лига. Иако важеше за аутсајдер во овој дуел за пополнување на елитата, на крајот третопласираниот тим од Втората лига успеа да го добие најважниот меч во сезоната и се пласира во елитата.

Одличната тактика, цврст бедем и брзи контранапади, даде резултат за тимот од Куманово. Во 37-та минута, Хебиб Саити ја претрча одбраната на Беса и го совлада Дејан Силјановски.
Речиси на идентичен начин, по еден брз противнапад, Башкими постигна и втор гол во 80-тата минута. Стрелец беше Филип Алексовски.
Со овој бараж и дефинитивно завршува сезоната во македонскиот фудбал, Башкими изненадувачки се избори за место во елитата, а Беса ќе биде второлигаш.