Батлер ги испрати Јанис и Милвоки на предвремен летен одмор, Њујорк по 10 години ќе игра конференциско полуфинале (Видео)

Кошаркарите на Мајами хит го елиминираа најдобриот тим од регуларниот дел од сезоната, Милвоки бакс, откако во петтиот меч од плејоф-серијата славеа со 128:126, и тоа по продолжението од пет минути. Жешките ја добија серијата со 4-1 и си закажаа пресметка со Њујорк никс, кој по пауза од 10 години, ќе игра во конференциско полуфинале.

На Милвоки не му помогна ниту враќањето на Јанис Адетокумбо бидејќи на спротивната страна блескаше Џими Батлер со 42 постигнати поени, на кои им продаде и 8 скока. Винсент даде 22 поени, Адебајо имаше 20 поени и 10 скока, а Кевин Лав оствари дабл-дабл од 15 поени и 12 скока.
Кај Милвоки, Јанис беше најдобар со 38 поени и 20 скока, додека Крис Мидлтон постигна 33 поени.

Њујорк никс по пауза од 10 години ќе игра во полуфиналето на Источната конференција, и тоа против Мајами, откако со 4-1 во победи славеше над Кливленд кавалирс. Победата која ги однесе на мегдан со Мајами, кошаркарите на Њујорк ја остварија со 106:95. Брансон го предводеше Њујорк со 23 поени, додека кај Кливленд најдобар беше Донован Мичел со 28 поени.

Голден стејт вориорс покажа зошто е шампион и од негатива 0:2, стигна до водство од 3:2 во победи во серијата против Сакраменто кингс. Воините предводени од Стеф Кари и неговиот 31 поен славеа со 123:116 и во следниот меч пред своите гледачи ќе имаат шанса да обезбедат пласман во полуфиналето на Западната конференција.

Шести натпревар ќе се игра и во серијата меѓу Мемфис гризлис и ЛА лејкерс. Во петтиот дуел, Мемфис славеше со 116:99 и намали на 2:3 во победи. Дезмонд Бејн постигна 33 поени и имаше 10 скока за победникот, додека листата на стрелци кај Лејкерси ја предводеше Ентони Дејвис со 31 поен и 19 скокови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести