Богатата вечер во НБА-лигата мина во знакот на првото гостување на Џими Батлер во Мајами откако беше трампан во Голден стејт.
Батлер во салата која до неодамна му беше домашен терен доби и овации и свирежи, клубот му приреди добредојде со специјално видео од времето (таму мина пет и пол сезони) кога играше за Хит, а тој не ни фрли поглед кон поранешните соиграчи.
„Го сакам градот и навивачите тука. Видеото беше убаво, но немав многу емоции. Тоа останува во минатото. Откако завршив во Голден стејт, сè што се случуваше претходно е мртво за мене“, изјави бесчувствителниот Батлер.
Инаку, Мајами убедливо ги победи Воините со 112-86.
Оклахома Сити тандер стана прв тим во лигата со 60 победи сезонава. Тандер победи на гости кај Сакраменто со 121-105, во меч на кој Шај Гилџиус-Александер даде 32 поена и стана четвртиот кошаркар во историјата кој на 65 меча по ред во една иста сезона дава 20 или повеќе поени. Пред него тоа им успеало само на Вилт Чемберлен, Оскар Робертсон и Мајкл Џордан.
Њујорк славеше против Далас со 128-113, а првпат во историјата на Никс се случи двајца играчи од овој тим да направат трипл-дабл на еден ист меч. Хјустон има 10 победи на последните 11 меча, синоќа ја совладаа Атланта со 121-114, а Детроит, кој сезонава има огромен напредок, со победата над Сан Антонио од 122-96 дојде на чекор од петтото место на Истокот. Мемфис гризлис даде 140 поени во победата над Портланд.