Баварците ѝ набија комплекс на Барселона, славеа на последните шест меѓусебни меча во ЛШ и имаат импресивна гол-разлика

Германскиот шампион Баерн Минхен има импресивен скор во последните шест меча против Барселона, која вчера втора година по ред ја исфрла од Лигата на шампионите и ја праќа во Лигата на Европа.

Баерн на „Камп ноу“ славеше со 0:3 и тоа беше шеста победа во последните шест меѓусебни средби со Барселона, а во последните десет меча германскиот тим има дури девет победи. Освен што доминираат над шпанскиот тим, Баварците имаат и импресивна гол-разлика 22:4 на последните шест средби со Барселона.

Последната победа во меѓусебните пресметки Барселона ја оствари во далечната 2015 година, кога со 3:0 славеше во полуфиналето од ЛШ. Таа година Барселона за последен пат триумфираше во Лигата на шампионите и оттогаш не само што не знае за триумф во мечевите со Баерн, туку во неколку наврати и беше понижена.

Победничката серија на Баерн започна со реваншот од полуфиналето во 2015 година, кога славеа со 3:2. Потоа следуваше неверојатната победа во Лисабон, во 2020 година, кога Баерн ја понижи Барселона во четвртфиналето во ЛШ победувајќи со неверојатни 8:2.
Минатата сезона Баерн и Барселона исто така играа заедно во групната фаза и германскиот тим двапати славеше со по 3:0.
Минатиот месец во Минхен беше 2:0, а вчера Баерн победи со 0:3.

Пред да го доживее поразот во 2015 година, Баерн исто така имаше победничка серија против Барселона. Баварците славеа и во двете полифинални пресметки во ЛШ во 2013 година, на првиот натпревар беше 4:0 во Минхен, а во реваншот беше 3:0. Истата година двата тима одиграа и пријателски натпревар, кој исто така му припадна на Баерн, овој пат со 2:0.

- Оглас -

Најнови вести