Реал Мадрид ја продолжува праксата на најважните натпревари на свој терен да ги игра со затворен покрив на стадионот „Бернабеу“. Така ќе биде и вечерва против Баерн Минхен, повторно пред светот ќе се пофалат со подвижниот покрив и ќе се игра во затворен простор, и покрај тоа што германскиот клуб наводно го изразил своето незадоволство до УЕФА.
Баварците се бунеле наведувајќи ги воздушниот притисок како и бучавата и влијанието врз животната средина што произлегува од тоа.
Според член 51 од правилниците на Лигата на шампионите, одлуката за отворање или затворање на покривот пред натпреварот е на делегатот на УЕФА и судијата, но управното тело на европскиот фудбал лесно му дозволува на сопственикот на стадионот да ја донесе одлуката, освен ако нема лоши временски услови или генерално ако тие се појават по почетокот на натпреварот.
Реал Мадрид, не случајно, објави и слика на своите социјални мрежи, на која се гледа стадионот обвиен во облаци за време на полуфиналниот натпревар против Баерн пред две години.

