Реал Мадрид наскоро треба да потврди дека во своите редови го доведува Давид Алаба од Баерн Минхен, тврди шпанскиот весник Марка на својата насловна страна. Информациите кои стигнуваат од познатиот италијански новинар Фабрицио Романо велат дека австрискиот репрезентативец беше се договорил со Кралскиот клуб и треба само официјално тоа да биде потврдено.
Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, веќе подолго време е во потрага по квалитетен дефанзивец кој нема да треба да се докажува. Алаа е токму таков, играч кој ги има освоено сите највредни трофеи и знае како е да се игра во големи натпревари.
Актуелниот договор на Алаба со Баерн Минхен истекува на крајот од сезонава, што значи дека играчот уште сега може слободно да преговара со било кој клуб и да потпише договор, а за тоа Баерн Минхен да не добие ниту едно евро обештетување.
Алаба е „дете“ на Баерн затоа што тој во клубот дојде уште како 16-годишен тинејџер, а досега има одиграно 404 меча во дресот на најтрофејниот германски клуб. Иако е дефанзивец, Алаба има 32 гола и дури 49 асистенции што се потврдува дека е продуктивен и во нападот.