23.8 C
Skopje
петок, 24 октомври 2025

Беа дел од историскиот успех на Љуботен и македонскиот женски фудбал, а сега ќе се обидат и да донираат (Фото)

Екипата на Љуботен последните неколку години е суверен владетел во македонскиот женски фудбал со четири титули по ред во првенство и три во Купот, а изминатото лето тоа беше крунисано со успех и во Лигата на шампионите. Љуботен стана првата македонска екипа која успеа да ја мине првата рунда, откако го освои првото место на турнирот и се најде помеѓу европската елита во женскиот фудбал.

Дел од оваа успешна приказна се и пет интернационалки, кои доаѓаат од пет различни земји, на кои ако ги додадеме и домашните фудбалерки, Македонки и Албанки, тогаш Љуботен претставува Обединети нации во мало.

Токму петте странски фудбалерки од женската екипа на Љуботен се гостински во најновиот Хуманитарен тикет и ќе се обидат да го погодат тикетот и да донираат онаму каде што ќе биде најпотребно.

Во Љуботен во моментов настапуваат: голманката Аружан Оразбекова од Казахстан, дефанзивките Евелин Шварц од Бразил и Милана Рахимова од Азербејџан, фудбалерката од средниот ред Ајури Тераваки од Јапонија и офанзивката Марјан Охадиве од Нигерија.

Заедничката констатција на сите пет е дека во Тетово и во Македонија се чувствуваат како дома и одлично се прифатени од околината.

„Задоволна сум од мојот престој во Тетово и воопшто во Македонија. Тука владее некоја специјална атмосфера – топла, пријателска и фудбалска. Добро сум прифатена и од локалната заедница и од екипата. Девојките ми даваа голема поддршка за да се адаптирам.“ – вели голманката Оразбекова.

Фудбалерките секое слободно време го користат и да се запознаат со убавините на Македонија, а кога некој што дошол тука од Јапонија се чувствува среќен, тоа навистина комплимент за Македонија.

„Македонија е убава земја, го сакам народот. Сите се пријателски настроени. Одлично ме прифатија кога пристигнав. Среќна сум тука.“ – додава Јапонката, Ајури Тераваки или како што ја знаат сите во Тетово, Ају.

Љуботен четири години по ред владее во женскиот фудбал во Македонија, а и оваа сезона е лидер на табелата со максимални девет победи по девет кола и импресивна гол-разлика од 45 дадени и само два примени гола.

„Слободно ќе кажам дека ние сме најдобрата женска фудбалска екипа во Македонија. Индивидуално сме многу силни, а одлично функционираме и како екипа, на теренот и секако и надвор од него. Ако продолжиме вака, сигурна сум дека ќе бидеме шампиони уште неколку години.“ – со нескриена скромност зборуваше репрезентативката на Азербејџан, Милана Рахимова.

Попретпазлива е другата централна дефанзивка на Љуботен, Евелин Шварц, која вели дека за успех е потребна напорна работа.

„Тренираме секој ден за да бидеме што е можно подобри, сакаме од коло во коло да бидеме што е можно подобри и да ја одбраниме титулата, но знаеме дека за да успееме во тоа потребно е напорно да работиме. Женски фудбал во Македонија се уште расте, но има и многу позитивни моменти.“ – вели Бразилката.

Сигурна во одбраната на титулата е и нигериската интернационалка, Марјан Охадиве или како ја нарекуваат соиграчките и навивачите, Дино.

„Во Македонија има добри фудбалерки, но ќе стануваат и уште подобри како што расте квалитетот на лигата. Сигурна сум дека ќе ја одбраниме двојната круна.“ – вели Дино.

Успехот, добрите услови и квалитетната екипа на Љуботен се магнет за интернационалките да посакаат да останат во Македонија и во иднина.

„Сакам да останам во Македонија, Љуботен е моето семејство.“ – вели Охадиве.

Токму таа комбинација ја нагласи и голманката Оразбекова, која во моментов се наоѓа на собир со женската фудбалска репрезентација на Казахстан.

„Ако го искомбинирате квалитетот на живот и фудбалот што се игра тука – Македонија е одлично место. Луѓето се добри, земјата е прекрасна и се чувствувам прекрасно тука. Би останала тука и на подолг период доколку условите дозволуваат мое фудбалско усовршување и напредок.“ – додава казахстанската репрезентативка, Аружан Оразбекова.

Во продолжение заедничкиот Хуманитарен тикет на петте интернационалки, кој доколку биде добитен, ќе биде дониран.

- Оглас -

Најнови вести