Кадетската репрезентација на Македонија за фудбалери до 17 години е во завршна фаза од подготовките за настапот на квалификацискиот турнир во Малта, на кој освен домаќинот и нашата репрезентација, ќе учествуваат и Шпанија и Словачка.
Фудбалерите тренираат во Скопје под палката на селекторот Дашмир Беари и се подготвуваат за првиот дуел, веројатно и клучниот за пласман во Елитната рунда, против Словачка.
– “Подготовките се одвиваат добро пред турнирот во Малта. Реално сме во тешка група со Словачка, Шпанија и Малта, но најважно е што немаме повредени фудбалери и сите даваат максимум на тренинзите. Оваа генерација има капацитет и квалитет за успех. Деновиве работиме на техничко – тактички план, како да и се спротивставиме на Словачка на првиот натпревар. Јас како селектор максимално им верувам на овие играчи, голем дел од нив беа дел од Академијата на ФФМ, играчи што тренираа и беа заедно две години. Секако, имаме и фудбалери и надвор од Академијата, како на пример Етоски, Младеновски, Аслани … Мислам дека со максимален ангажман, борба и желба ќе направиме добри резултати во Малта. Верувам во мојата работа, чесно и професионално и сум голем оптимист дека имаме квалитет да одиме во Елитната рунда.“ – вели селекторот на репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 17 години, Дашмир Беари.
Познат е и списокот со повикани фудбалери за турнирот во Малта. На него се наоѓаат вкупно 20 фудбалери, од кои шест се интернационалци, а останатите 14 од домашното првенство.
Голманскиот двоец го сочинуваат Илоски од Брера и Трајковски од Македонија ЃП, додека одбранбената линија ќе се бара помеѓу тројцата повикани фудбалери од Вардар, и по еден од Брера, Шкендија, Црвена ѕвезда и Лингби. Во средниот ред настап очекуваат шест фудбалери од шест различни клубови, додека во нападот од петте фудбалери, двајца се од Шкендија, а останатите од Македонија ЃП, Црвена ѕвезда и Јанг Бојс.
Радува голгетерската форма во која се наоѓаат напаѓичите, во преден план учинокот на Хисар Али кој на седум натпревари во македонската Супер лига има 10 голови и шест асистенции, како и неговиот соиграч од Шкендија, Лука Гавровски со шест гола на седум меча. Во одлична форма се и останатите напаѓачи, Етоски со пет гола за Јанг Бојс, како и Љатифи и Младеновски со по три гола за Македонија ЃП, односно Црвена ѕвезда.
Повикани фудбалери:
Голмани: Давид Илоски (АП Брера), Павел Трајковски (Македонија ЃП)
Одбрана: Игор Ристов (АП Брера), Златко Радевски (Вардар), Горазд Ристовски (Црвена ѕвезда), Лука Атанасовски (Вардар), Емир Шаботиќ (Вардар), Еранд Зиба (Шкендија), Абдула Аслани (Лингби)
Среден ред: Каменчо Андоновски (Работнички), Марко Киш (Њу старс), Здравко Перески (АП Брера), Албион Муслиу (Шкендија), Алмир Јакупи (Арау), Ариф Љоки (Хвидовре)
Напад: Адмир Љатифи (Македонија ЃП), Хисар Али (Шкендија), Един Етоски (Јанг Бојс), Лука Гавровски (Шкендија), Стефан Младеновски (Црвена ѕвезда)
Селектор: Дашмир Беари
Турнирот го започнуваме во среда против Словачка, во сабота играме против Шпанија, а последниот меч е против домаќинот Малта.