Бедемот во Ѓорче Петров е непробоен веќе 450 минути

Македонија Ѓорче Петров продолжува со перфектната одбрана кога игра на домашен терен. Екипата на Академија Пандев е последната во низата од пет клубови кои сезонава гостуваа на стадионот во Ѓорче Петров и не успеаа да ја затресат мрежата на „лавовите“. Домаќините дадоа еден гол, тој на Христијан Кировски во 55 минута, што беше доволно за нови три бода.

Со оваа победа, Македонија ја потврди одличната форма во која се наоѓа. Тоа е единствениот тим кој нема пораз на последните четири меча во првенството, па затоа сега „лавовите“ се наоѓаат на само три бода од третото место кое носи сигурен излез во Европа за следната сезона.

Теренот на стадионот во Ѓорче Петров е вистинска енигма за противниците како да го најдат патот до мрежата на домаќините. Веќе 450 минути мирува голот на „лавовите“. Откако во првите две кола на свој терен одиграа без голови против Шкендија и Беласица, потоа без ниту еден бод од ова гостување си заминаа Работнички (3:0), Победа (1:0), а сега и Академија Пандев. Македонија е единствен тим кој нема пораз на свој терен сезонава, што доволно кажува за сигурноста на домаќините пред своите навивачи.

Во следните две кола, ѓорчепетровци ќе имаат големи предизвици. Најпрво, на 28 октомври ќе гостуваат кај Шкендија и ќе се обидат да ја продолжат низата без пораз. Потоа на свој терен ќе играат против Вардар. Најтрофејниот македонски клуб пред 20-тина дена беше поразен во Ѓорче Петров со 2:1, во меч од Купот, кога „црвено-жолтите“ се радуваа на поминување во следната фаза. Сега мисијата на „лавовите“ ќе биде да продолжат да го чуваат непробоен бедемот пред нивниот гол.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести