Ѕвездата на Велс, Герет Бејл, вечерва нема да настапи против Република Ирска во Лигата на нациите, офанзивецот се врати во Мадрид, каде што ќе продолжи да закрепнува од повредата на препоните.
Дваесет и деветгодишниот фудбалер се повреди во градското дерби против Атлетико, подоцна настапи против Алавес и се појави на собирот на националниот состав во пресрет на оваа репрезентативна пауза. Сепак, прогнозата од медицинскиот тим на Велс е дека тој не е подготвен за репрезентативни активности, па се врати во шпанската престолнина.
„Бејл се врати во Мадрид и нема да биде на располагање кај селекторот Гигс за вечерашната пресметка во Даблин“, стои во соопштението од Федерацијата на Велс.
Велс по два меча во Лигата на нациите, има еден триумф и еден пораз, на првиот дуел со Ирска славеше со убедливи 4-1, а Бејл беше стрелец на вториот гол, додека асистираше за четвртиот погодок.