Легендарниот велшки фудбалер Герет Бејл во емисија зборуваше за својот поранешен соиграч Лука Модриќ, со кого играа во Тотенхем, а потоа заедно освоија многу трофеи во Реал Мадрид.
„Лука Модриќ многу ми помогна, беше одличен кон мене. Тој е играчот со кого најмногу сум играл во мојата кариера. На почетокот во Тотенхем имаше мал физички проблем бидејќи беше низок, му требаше краток период на адаптација, но потоа беше одличен. На почетокот беше крилен играч, играше пред мене и влегуваше во средината, а јас добивав простор на крилото. Некои луѓе мислеа дека е премногу низок за да игра во средината, но тој влегуваше во средината, одеднаш ја менуваше насоката и покажуваше дека не секогаш е потребна сила“, рече Бејл.
Бејл одиграл повеќе натпревари со Модриќ (301) отколку со кој било друг соиграч. Модриќ стана еден од најдобрите играчи од средниот ред во историјата, го зацврсти својот статус со освојувањето на Златната топка во 2018 година, откако ја водеше Хрватска до финалето на Светското првенство.

