Герет Бејл покажа дека уште е корисен играч за Реал Мадрид. Велшанецот даде два гола на гостувањето кај Вилјареал и ги спаси Кралевите од пораз. Со овие два погодоци, Бејл се израмни со легендарниот Бразилец Роналдо, по бројот на погодоци и е на делба на седмото место на најефикасните странци во историјата на Реал Мадрид.
Популарниот Феномен одигра пет сезони во дресот на Реал, а Бејл ја започна седмата година како играч на тимот од „Сантијаго Бернабеу“. Двајцата сега се на бројката од 104 голови во дресот на Реал Мадрид.
На врвот на листата на најефикасни странци во историјата на Реал е Кристијано Роналдо. Португалецот даде 450 погодоци за Реал и е далеку пред Алфредо ди Стефано (308), Ференц Пушкаш (241), Карим Бензема (224), Уго Санчес (208) и Гонзало Игуаин (121 гол).