Бекам ќе проба да му ја исполни желбата на Меси да игра во ист тим со Модриќ

Лука Модриќ има 39 години, но нема да му биде проблем да си најде клуб во кој ќе ја продолжи кариерата по заминувањето од Реал Мадрид летово.

Хрватот после 13 години си оди од Кралскиот клуб за кој последен пат ќе игра на  Светското клупско првенство. Засега најголем интерес за него искажува Интер Мајами кој му нуди годишна плата од 2,5 милиони долари. Амбициозниот клуб на чие чело е Дејвид Бекам, и лани се интересираше за Модриќ.

Пред еден месец, Лионел Меси побарал вклучување на Хрватот во тимот од Мајами. Се зборува за понуда за договор од една сезона, до јули 2026 година, што би му овозможило на хрватскиот капитен да се аклиматизира во Северна Америка и да го предводи својот тим на Светското првенство кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико, по што веројатно ќе ја заврши кариерата.

Модриќ и Меси 27 пати имаат играно еден против друг на клупски и репрезентативен план, а билансот е 12 победи за Хрватот, 10 победи за Аргентинецот, и пет ремија.

Лука во 2018 година кога беше избран за „Златна топка“, во интервју за „Франс фудбал“ изјави дека Меси е еден од најголемите во историјата, но никогаш нема да игра во ист тим со него. Тогаш Хрватот веројатно не можеше ни да замисли дека Меси ќе си оди од Барселона, и дека седум години после таа изјава ќе се појави шанси сепак да бидат соиграчи и тоа во Мајами.

- Оглас -

Најнови вести