Бекам сонува да биде селектор на Англија

Дејвид Бекам по пензионирањето во 2013 година, остана поврзан со фудбалот само од аспект на клупски сопственик. Неговата франшиза во Мајами ќе започне со натпреварување во 2020 година во МЛС-лигата, но тој посочи дека од секогаш сонувал да биде селектор на Англија.

Поранешната ѕвезда на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, запиша 115 настапи за Гордиот Албион, од кои во 58 меча беше во улога на капитен, па токму затоа голем број фудбалски познаници сметаа дека Бекам ќе се пушти во тренерските води и ќе биде иден селектор на Англичаните.

„Секако дека би се подзамислил доколку некој ми ја понудеше селекторската позиција во Англија. Да бидам селектор, сонував уште од мал, но без разлика што сум страстен љубител на фудбалот, не знам дали би бил добар избор за таа задача. Во овие моменти никако не би сакал да го сменам Герет Саутгејт бидејќи тој е вистинскиот човек за нашата селекција. Го врати духот во репрезентацијата и под негово водство играме одлично“, истакна Бекам.

Англија на последниот Мундијал стигна до полуфиналето за првпат по 1990 година, а од Хрватска ја загуби битката за пласман во финалето. На финалниот турнир од Лигата на нациите, Англија беше трета европска сила.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести