Шкендија утревечер на Кипар, ќе го одигра шестиот и последен натпревар од главната фаза на УЕФА Конференциската лига против АЕК Ларнака. Пред медиумите се обратија тренерот Јетон Беќири и голманот Бабукар Гаје.
„Докажавме дека можеме да играме и против силни екипи во Европа во текот на ова натпреварување. Имаме максимална почит кон тимот на АЕК, но во ниту еден момент не влегуваме во натпревар со страв од противникот, без разлика на нивната сила и ниво. Со работа и со исклучителна сериозност во текот на целиот натпревар, се надеваме дека и утре оствариме позитивен резултат“, изјави тренерот Јетон Беќири.
Потоа се осврна и на карактеристиките на ривалот.
„Екипата на АЕК Ларнака има исклучително добра одбрана, тие примија само еден гол на последниот натпревар. Мислам дека токму одбраната им ја прави разликата – тие играат како тим и заедно напаѓаат и се бранат. Сметам дека можеме да излеземе со позитивен резултат, но мора да одиграме на многу високо ниво. За тоа разговараме и правиме анализи со фудбалерите во текот на целата недела, бидејќи сакаме успешно да ја завршиме оваа европска авантура со овие шест натпревари во лигашката фаза. Потоа, во зависност од резултатот, ќе видиме што ќе ни донесе крајот на натпреварот“, истакна тренерот на Шкендија.
Бабукар Гаје очекува Шкендија да се претстави квалитетно и на утрешниот меч.
„Што се однесува до очекувањата пред натпреварот, тие се исти секој пат. Се подготвуваш најдобро што можеш и се обидуваш да се фокусираш на својата работа. Во мојот случај, тоа е да ја сочувам мрежата. Да ги поддржувам соиграчите, да бидам тука за да ги сопрам центаршутевите, што и да дојде – едноставно да бидам активен и присутен. Се обидувам да се концентрирам на моите задачи и да останам смирен, тоа е сè што правам пред натпревар. Верувам дека како тим ќе имаме квалитетен настап“, истакна голманот на Шкендија.

