Шкендија ќе игра во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА, откако вечерва по голема борба и 120 минути игра, загуби од Лудогорец со 4:1. По 90 минути, резултатот беше 2:1 за бугарскиот првак, а Шкендија славеше со ист резултат на првиот меч во Скопје, па мораше да се играат продолженија.
Во дополнителните 30 минути, Лудогорец се покажа како подобар тим и постигна два гола за победа и влез во групата од Лига на Европа.
По мечот, тренерот на Шкендија, Јетон Беќири честиташе на противникот и даде осврт за мечот против бугарскиот тим.
„Како прво сакам да му честитам на Лудогорец за пласманот во Лига на Европа. Ние бевме блиску, но фудбалот е таков. Бевме многу блиску, но сепак далеку. Морам да бидам искрен одигравме многу лошо прво полувреме, во вториот дел бевме добри, дури во 85 минута имавме чиста шанса за гол. Доколку тогаш погодевме мислам дека ние ќе бевме во Лига на Европа. Тажен сум поради елиминацијата, но во исто време сум многу горд за моите играчи и за начинот на кој го презентиравме македонскиот фудбал ова лето. Секако за нас пласманот во конференциската лига е искулучително добар успех. Ќе се обидеме да го презентираме нашиот фудбал и во лигашкиот дел. Овие мечеви ќе бидат одлични и за стекнување на дополнително искуство“, рече Јетон Беќири на прес конференцијата по мечот во Разград.