На денешната прес-конференција на актуелниот шампион на Македонија, Шкендија, пред утрешната битка на Арената „Тодор Проески“ во Скопје од 20 часот против романскиот тим ФЦСБ (некогашна Стеауа) од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите, тренерот Јетон Беќири фаворитската улога им ја препушти на Романците.
По победата над велшкиот ТНС, Шкендија сега многу потешка задача ќе има против некогашниот европски првак.
„Ривалот е фаворит. Тие се сериозен тим со богата историја. Поранешен освојувач на Лигата на шампионите. Но, ние сме Шкендија и ќе се обидеме да одговориме на ниво за овие натпревари. Ова е голем меч, треба да бидеме на највисоко ниво“, вели Беќири.
Шкендија ќе има три шанси да се најде во групната фаза барем во Конференциската лига. Ако го елиминира ФЦСБ, има гарантирано место во КЛ, а ако не, ќе има уште две шанси за тоа.
„Фокусирани сме на овој двомеч и на ФЦСБ, потоа ќе мислиме што понатаму. Мечот со ТНС беше важен затоа што ти дава три шанси”, додаде тренерот на Шкендија.