Шампионот на Првата МФЛ екипа на Шкендија, одбраната на шампионскиот пехар во првенството ја почнува со домашен натпревар против Шкупи. Во петок од 17:00 часот токму тетовските „црвено-црни“ ја отвараат сезоната 2025/26 со дуел против чаирската екипа.
Тренерот на првакот Јетон Беќири вели дека без разлика на противникот, го цени секој тим во Првата МФЛ и дека посакува успешно отворање на новата сезона, по успешните настапи на меѓународна сцена, каде што Шкендија е во третото квалификациско коло и го очекува реваншот против Карабах во Баку.
„Секако дека нашата цел во новата сезона е одбрана на титулата. Сметам дека имаме потенцијал и имаме играчки кадар да одговориме на предизвиците и во првенството и во Европа. Утре очекувам добра игра и да имаме победнички почеток на новата сезона. Секој противник го почитуваме и го цениме, нема потценување за никого, ние ќе ја играме нашата игра и се надевам дека ќе дојдеме до целта“, вели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, за сајтот на ФФМ.
На прашање како очекува да одговори екипата, со оглед дека имаше пет европски натпревари, Беќири вели:
„Не сме свежи како нашиот противник бидејќи одигравме пет натпревари во Европа, тешки, исцрпувачки. Таков беше последниот со Карабах на домашен терен. Од сега, па натаму нашиот фокус е целосно ставен кон првенството затоа што преку првенството стигнавме тука каде што стигнавме во Европа. Сметам дека Шкендија има дваесетина квалитетни фудбалери, тројца добри голмани, широк ростер кој може да одговори успешно на сите предизвици.“
Беќири не сакаше да издвои посебни конкуренти за титулата во новата сезона, најавувајќи дека неговиот тим против секој ќе влезе максимално мотивирано.
„Не би сакал никого посебно да издвојувам. Ќе видиме како ќе се одвива првенството. Секогаш знае да има изненадувања. Секоја екипа си има свој квалитет, свои цели и математики. Важно е во секој натпревар ние да влегуваме максимално мотивирано. Да наоѓаме желба и мотивација за секој меч. Одиме чекор по чекор. Нема никого да потцениме, без разлика кој и да ни е противник. Секогаш почетоците се тешки, па секое потценување може скапо да чини. Затоа ќе барам од играчите на секој меч максимален пристап. Сакаме да освоиме што повеќе бодови во првенството, но и во Европа, во групната фаза без разлика во кое натпреварување ќе бидеме. На секој натпревар мораме да најдеме начин како да бидеме максимално мотивирани“, додава Беќири.