Македонскиот првак Шкендија утре на арената „Тодор Проески“ ќе го игра првиот меч од плејофот за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите, а противник ќе им биде Лудогорец. Тренерот на тетовци, Јетон Беќири, вели дека притисокот сега е малку помал затоа што Шкендија секако ќе игра во група од европските купови, но прашање е дали тоа ќе биде Лигата на Европа или Конференциската лига на УЕФА.
„Пред нас е тежок натпревар против ривал којшто е редовен учесник и е дел од групната фаза од некоја од Европските лиги. Нормално е да се даде максимум затоа што не секој ден се игра ваков меч. Како што ќе играме утре, очекувајте така да играме и во домашниот шампионат. Освен ТНС, со кого игравме на премиерата ова лето во Европа и кој реално е тим под нашето ниво, сè останато, почнувајќи од Стеауа, е на највисоко ниво. Јас сум презадоволен од она што досега го игравме, освен, еве, можеби од оној меч против Карабах на гостински терен“, изјави шефот на стручниот штаб на Шкендија, Јетон Беќири, пред утрешниот меч.
Стратегот на тетовци вели дека мора да се исправат грешките од дуелот против Карабах на гостински терен.
„Нормално дека сега притисокот е помал, со оглед на фактот што веќе ние имаме обезбедено Конференциска лига. Но, тоа не ја намалува нашата одговорност за изданието во Баку. Грешките мора да се исправат. Противниците се силни. Тоа се екипи кои можат да те казнат неколку пати во две три минути. Еве, видовте вчера што направи и како одигра Карабах против Ференцварош“, додаде Беќири, кој потенцираше дека добро го имаат анализирано тимот на Лудогорец.