9.8 C
Skopje
среда, 10 декември 2025

Беќири: Шкендија уште има шанси да се бори за нокаут-фазата

Македонскиот фудбалски шампион Шкендија ги прави последните подготовки пред утрешниот дуел против словачкиот тим Слован Братислава во петтото коло од групната фаза на Конференциската лига. Мечот се игра на „Арената“ во Скопје од 18:45 часот, а тренерот Јетон Беќири има респект кон противникот, но верува дека Шкендија може да стигне до позитивен резултат.

„Мислам дека ова е претпоследната шанса за Шкендија кога станува збор за пласман во кругот од 24 екипи кои ќе продолжат понатаму. Јас сум на мислење дека имаме противник со исклучително висок квалитет, кој лани играше и во групната фаза од Лигата на шампионите, но секогаш кога играме дома, кога играме во Скопје, имаме позитивни настапи. И против екипата на Слован Братислава се надевам дека тимот ќе се претстави на најдобар можен начин и сум високо уверен дека ги имаме сите предуслови и можности да обезбедиме резултат кој потоа, во последниот натпревар, ќе ни даде комоција да се пласираме меѓу 24-те најдобри екипи“, изјави Јетон Беќири.

Стратегот на Шкендија додава дека игрите на тимот беа подобри од бодовниот ефект што го оствари Шкендија.

„Ова е историско издание за нас. Мислам дека во четирите одиграни натпревари, екипата доби помалку отколку што прикажа на теренот. Конкретно, мислам на последните два натпревари, според моето мислење, заслуживме нешто повеќе во однос на бодовите. Но, таков е фудбалот, во одредени моменти имаме среќа во други моменти и среќата може да нè казни. Она што е важно е дека сè уште сме во игра за пласман. Важно е што Шкендија и во средината на декември игра во европските купови. Треба да направиме сè што можеме за да оствариме што е можно подобри резултати во овие два натпревари што ни остануваат“, истакна Беќири.

- Оглас -

Најнови вести