Тетовска Шкендија во вторник го игра првиот натпревар од третото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите. Во Скопје гостува шампионот на Азербејхан, Карабаг, а тетовци веќе имаат обезбедено најмалку групна фаза на Конференциската лига.
Сепак, македонскиот фудбал води голема битка за влез во првите 50 лиги според рангирањето на УЕФА, што ќе значи дека повторно ќе имаме по четири екипи во европските купови, а до крајот на оваа сезона, останува само Шкендија која треба да донесе нови бодови.
„Секој бод, секоја победа, за нас се многу важни, како домашен фудбал, како македонски фудбал. Затоа што ние треба да покажеме дека можеме, не само ние како екипа. Јас се радувам и на победите и на резултатите на другите екипи. Не смееме по ниту една цена да паднеме под 50-тото место. Не сакам да звучам политички, но сакам да зборувам од срце. За мене не е важно која екипа прави резултати, јас секогаш навивам за нашите екипи, затоа што ние работиме тука, играме во оваа лига, живееме тука и многу е важно нашиот фудбал да го кренеме на повисоко ниво, а тоа ќе ни донесе бенефити на сите, не само за нас како Шкендија.“ – вели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Македонија во моментов е на 51-вата позиција со заостанување позади Белорусија и Луксембург и токму овие две земји се нашите најголеми конкуренти да се вратиме на четири екипи во Европа, бидејќи за следното лето веќе изгубивме една и ќе имаме само три претставници.