Низ историјата, но и во денешно време, во фудбалот имало многу офанзивни бекои кои знаеле како се постигнуваат погодоци, како се местат и слично. Но, еден се двои од сите останати. Трент Александер-Арлонд од Ливерпул од денес и официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди за 2020 година за своето остварување од минатата сезона во Премиер лигата.
Десниот бек на Црвените запиша 12 асистенции во сезоната 2018/19, ниту еден бек досега не успеал да асистира повеќе од младиот Англичанец. Aко се земат предвид сите негови асистенции севкупно, Александер-Арнолд во сите натпреварувања намести дури 16 погодоци, што е и повеќе од импресивна статистика за десен бек.
„Навистина неверојатно признание, горд сум на овој успех и се надевам дека овој рекорд ќе остане подолго време. Отсекогаш ми била цел да помогнам на тимот во офанзивата, да создадам што повеќе шанси за гол, за да имаме успеси“, изјави Александер-Арлонд.
Поради неговиот прецизен шут, поточно визија за проигрување, Трент ја доби довербата од менаџерот Клоп да изведува прекини, слободни удари, како и корнери, што само му отвора нови можности за да го подобрува својот учинок.
Впрочем, бекот на Црвените се прослави со лукаво изведениот корнер против Барселона, по кој Ливерпул го оствари историскиот пресврт и се пласираше во финалето од ЛШ, во кое подоцна и ја освои шестата европска титула со победата над Тотенхем.