Десниот бек на Арсенал, Eктор Белерин, вчера одигра само едно полувреме во ремито против Кристал палас, на паузата беше заменет поради повреда. Менаџерот на „топчиите“, Унаи Емери, по мечот потврди дека Белерин чувствувал болки во мускулите, па не се работи за сериозна повреда, но засега останува неизвесно дали ќе биде подготвен за дербито кое се игра во сабота, против Ливерпул, во рамките од 11-тото коло во Премиер лигата.
„Да, точно е дека поради болки морав да го заменам на полувреме. Но, кај Ектор не станува збор за сериозна повреда, засега не знаеме дали ќе биде подготвен за дуелот со Ливерпул“, изјави Емери.
Арсенал со ремито од 2-2 ја прекина серијата од 11 победи, а по 10 средби во англискиот шампионат, со 22 бода се наоѓа на четвртата позиција на табелата. Дерби-пресметката против „црвените“ на Јирген Клоп е закажана за терминот од 18.30 часот во сабота.