Белгискиот фудбалер Луис Педро Каванда побегнал од Косовска Митровица кога видел каква е инфраструктурата на неговиот косовски клуб Трепча. Ексиграчот на Лацио, Стандард Лиеж и Галатасарај, според зборовите на претседателот на Трепча 1989, Абедин Зека, по 10 секунди решил да си замине.
Од Трепча велат дека трансферот на Каванда бил најголем во нивната историја,бидејќи довеле играч кој настапувал за Лацио, Торино, Бари, Трабзонспор, Галатасарај и Стандард Лиеж, играчот бил задоволен од финансиските услови, но 30-годишниот дефанзивец, кој во минатото имал и два настапи за белгиската репрезентација, експресно си заминал.
„Каванда дојде, му плативме хотел, го водевме по луксузни ресторани во Приштина, но веднаш им реков на соработниците дека тој како да сака да побегне. Беше разочаран кога го виде теренот во Митровица. Потоа го прошетав низ соблекувалните кои се нови, но не беше задоволен и не сакаше да остане ни 10 секунди. Замислете да ги видеше соблекувалните во Гњилане, каде што требаше да гостуваме. Се обидовме да го убедиме да остане, му кажавме дека тука имаше војна“, вели Зека.
Информациите се дека Каванда заминал во Кина и ќе потпише договор со тамошен клуб.