Англискиот херој Џуд Белингам би можел да биде суспендиран на еден натпревар и да не игра во четвртфиналето поради непристојниот гест во текот на натпреварот против Словачка на Европското првенство, јавуваат медиумите на Островот. Англиската репрезентација во четвртфиналето ќе се сретне против Швајцарија в сабота.
Англија за да го мине осминафиналето мораше да направи пресврт, се спаси во последните мигови од регуларниот тек со голот на Белингам, откако Иван Шранц ја доведе Словачка во водство во 25. минута.
Секунди ги делија Словаците од најголемата победа во историјата и пласман во четвртфиналето, но во петата минута од судиското продолжение Белингам со удар со „ножички“ израмни на 1-1, а потоа Хари Кејн постигна и победнички гол на почетокот на продолженијата.
Причината поради која Белингем е под закана од суспензија е гестикулацијата со рака кон меѓуножјето, насочена кон клупата на противничкиот тим. Иако подоцна тоа го објасни како интерна шега со блиските пријатели кои биле на натпреварот и рече дека кон Словачка чувствува само почит, Белингам, би можел да добие суспензија од еден натпревар.