Реал Мадрид киксира на стартот од новата сезона во шпанското првенство откако одигра 1:1 на гостувањето кај Мајорка. Кралскиот клуб водеше на полувреме со 1:0, но домаќините израмнија на почетокот од второто полувреме и стигнаа до вреден бод.
Дека не е сè под конец во тимот на Реал, се покажа уште на полувремето. Иако фаворитот имаше водство, Џуд Белингам беше незадоволен, и тоа од играта на триото во нападот. Додека се подготвуваа да излезат на терен за второто полувреме, Винисиус, Родриго и Мбапе заедно се загреваа и зборуваа, кога им се приклучи и Белингам.
Англискиот репрезентативц беше незадоволен од фактот дека напаѓачите не се толку опасни и дозволуваат да им биде одземена топката, што создава проблеми потоа во одбраната на Реал.
„Вие тројца треба да се обидете да го завршите нападот затоа што потоа е пеколно тешко трчањето назад“, беше замерката на Белингам упатена кон офанзивното трио на Реал.