Реал Мадрид игра одлично во првата третина од првенството и со 35 поени, моментално е лидер на табелата во Примера. На тимот му оди добро и во Лигата на шампионите, а како прва ѕвезда се истакнува Џуд Белингам.
Англискиот репрезентативец летово за сума од 100 милиони евра дојде на „Сантијаго Бернабеу“ и се покажува како одлично засилување. Белингам синоќа даде гол на гостувањето кај Кадис во победата од 3:0, а токму тој погодок е рекорден.
Белингам е првиот фудбалер во историјата на Реал Мадрид кој успеал во првите 15 натпревари да постигне 14 гола. Претходно рекордери беа легендите на Кралскиот клуб, Кристијано Роналдо и Ференц Пушкаш, кои постигнувале по 13 гола во првите 15 средби за шпанскиот гигант. Сега Белингам ги надмина овие две легенди постигнувајќи 14 гола во првите 15 меча во дресот на Реал Мадрид.