Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, имаше релативно тивок за негови стандарди, преоден рок, но го донесе вистинското засилување на „Сантијаго Бернабеу“, Џуд Белингам.
Перес за Белингам плати 103 милиони евра на Борусија, а англискиот репрезентативец уште веднаш почна да ги отплаќа парите и стана миленик на новиот Реал Мадрид. Кралевите славеа во првите четири кола во Ла Лига, а Белингам се запиша во листата на стрелци на сите четири меча.
Денеска во победата над Хетафе од 2:1, Белингам го постигна победничниот гол во судиското продолжение, по што доби стоечки овации од навивачите на новиот „Сантијаго Бернабеу“, тие дури почнаа да ја пеат легендарната песна на Битлси, „Хеј Џуд“, што го импресионира фудбалерот.
„Кога навивачите почнаа да пеат „Хеј Џуд“, сакав да застанам и да ги слушам. Нозете почнаа да ми се тресат. Токму поради вакви моменти дојдов во Реал. Секој пак кога ќе направев добар потег, ја чувствував поддршката од трибините. Не знам со што го заслужив тоа“, изјави Белингам.