Семејството Белингам, фудбалска Англија и милиони љубители на фудбалот низ светот посакуваа четвртфинале на Светското клупско помеѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, такво четвртфинале ќе има, но на сите кои посакуваа вакво сценарио, им се „скрши филмот“.
Желбата беше на терен да има дуел помеѓу браќата Џуд (игра за Реал) и Џоб (игра за Борусија), но помладиот брат Џоб доби жолт картон во првото полувреме на осминафиналето против Монтереј, негов втор картон на СКП, и доби суспензија од еден меч, и нема да игра против брат му и Кралскиот клуб.
Тренерот на Борусија, Нико Ковач, откри дека Џоб не знаел дека после два жолти картони доаѓа „ладење“ од еден меч, и кога дознал бил во шок и тажен.
„Џоб не знаеше дека со вториот жолт картон доаѓа суспензија. На полувремето, тој сè уште не сфати дека нема да може да игра на следниот натпревар. Морав да му кажам. Беше многу разочаран, навистина се радуваше на тој натпревар“, објасни Ковач.