Англија со 2:0 славеше во Тирана против Албанија благодарение на головите на Хари Кејн. Еден од најдобрите напаѓачи на денешницата погодуваше во 74-тата и 82-рата минута и Англија на крајот квалификациите ги заврши со осум победи во осум меча и без ниту еден примен гол.
Откако беше јасно дека Англија ќе победи во Албанија, селекторот на Гордиот Албион, Томас Тухел реши од игра да го извади Џуд Белингам во 84-тата минута. Ѕвездата на Реал Мадрид беше незадоволна од одлуката да биде повлечена од игра и бурно реагираше.
Тоа го забележа и селекторот Тухел, кој имаше коментар за реакцијата на Белингам.
„Го видов дека не беше среќен кога излегуваше од игра. Морам да ја прегледам ситуацијата. До одреден степен, ако имате играчи како Џуд кои се толку добри и сакаат да играат, никогаш нема да им се допадне тоа кога ќе бидат заменети. Но, мојот збор е – ние се држиме до стандард и ниво на посветеност еден кон друг и меѓусебно почитување. Значи, ако некој чека да влезе во игра, нема да ја смениме нашата одлука само затоа што некој мавта со рацете од теренот“, вели Тухел.
Селекторот на Англија има јасна порака.
„Не сакам да правам голема работа од тоа, но стојам зад моите зборови, „однесувањето е клучно“ и почитта кон соиграчите кои влегуваат. Одлуките се носат и мора да ги прифатите како играч. Неговиот соиграч чека да влезе во игра. Мора да го прифатите тоа и да го почитувате тоа и да продолжите понатаму. Џуд исто така имаше жолт картон што беше уште еден аргумент повеќе да биде заменет“, објасни селекторот на Англија, Томас Тухел.

