Легендарниот романски дефанзивец Миодраг Белодедиќ реши јавно да открие дека учествувал во два наместени меча и како се прави тоа да изгледа незабележливо за гледачите. Белодедиќ два пати беше европски првак. Еднаш со Стеауа, а еднаш и со Црвена ѕвезда. Кога играше во Црвена ѕвезда, тој беше соиграч на Дарко Панчев и Илија Најдовски.
Белодедиќ вели дека додека играл за Стеауа, морал да игра на два меча кои биле наместени и морале да завршат нерешено. Тој дури и објаснува на кој начин играчите се однесуваат за да изгледа како мечот да не е наместен, туку дека се борат и сакаат да победат.
„Мечот меѓу Стеауа и Клуж кој се играше пред многу години, мораше да заврши нерешено. Така беше и на мечот против Бистрица. Договорено беше да нема победник. Во таков случај, мечот започнува нормално. На почетокот се игра цврсто, не му дозволувате на противникот да даде гол. Се обидувате да дадете гол и ако успеете во тоа, тогаш му пуштате на противникот да израмни“, вели Белодедиќ.
Некогашниот романски фудбалер објаснува на кој начин се прави да му се дозволи на противникот да даде гол.
„Постојат многу начини на кои противникот може да даде гол. Кога е корнер, слободен удар… Едноставно не ги напаѓате нивните голгетери. Наместо да тргнете кон топката, вие чекате и чекате и чекате. Тогаш напаѓачот шутира, а вие само малку повеќе ја кревате ногата високо, за да може топката да помине. Навивачите така никогаш не може да сфатат дека мечот е наместен“, вели Белодедиќ.
Во текот на кариерата, Белодедиќ помина девет години во Стеауа, во ѕвезда беше три сезони, а има играно и за Валенсија, Вилјареал и Валјадолид.