Поранешниот играч на Арсенал, Никлас Бендтнер ќе оди в затвор. Данскиот голгетер е осуден на 50 дена зад решетки, поради напад врз таксист. Инцидентот се случи на 9 септември оваа година, а за неполни два месеци, Бендтнер доби затворска пресуда.
Фудбалерот кој сега игра за Розенборг, бил излезен со својата девојка, кога во еден момент влегол во конфликт со таксист. За брзо време ситуацијата излегла од контрола, а данскиот фудбалер започнал да го тепа таксистот и му ја скршил вилицата.
Таксистот заврши на операција, а Бендтнер подоцна се извини за инцидентот. Сепак, јавното извинување не беше доволно за голгетерот да ја избегне затворската казна која ја наложуваат данските закони. Сега Никлас има право на жалба на оваа пресуда. Доколку жалбата биде одбиена, играчот ќе мора да ги одлежи тие 50 дена затвор.
Бендтнер е вториот фудбалер кој за само неколку дена се соочува со одење во затвор. Пред неколку дена, ѕвездата на Пари Сен Жермен, Марко Верати една вечер помина зад решетки, откако беше сопрен од полицијата во пијана состојба. Верати имал два пати повеќе од дозволеното алкохол во крвта и морал да преспие во затвор.