Црвена ѕвезда се подготвува за првиот меч во Лигата на шампионите, и тоа утревечер на домашен терен во Белград против Бенфика. Португалскиот гигант има две европски титули, но освоени пред повеќе од 60 години, што само потврдува дека се работи за клуб со пребогата историја.
Бенфика сега не е меѓу фаворитите за висок пласман во Лигата на шампионите, но ако се погледне еден важен сегмент, овој клуб е на врвот и недостижен за сите останати. Тоа се парите заработени од продадени играчи во 21 век.
Нестварно делува фактот дека Бенфика во последниве 24 години од продадени фудбалери има инкасирано безмалку една милијарда евра, односно точно 976 милиони евра. Овој клуб има скаути низ целиот свет, собира таленти, создава свои таленти, кои подоцна ги продава и заработува многу пари. Зад Бенфика на оваа листа на клубови кои заработиле најмногу пари од продажба на играчи следуваат Порто, Ајакс, Лил, Спортинг…
Најскапопродаден фудбалер од Бенфика е Жоао Феликс, кога за 127 милиони евра го продадоа во Атлетико Мадрид. Одлични се трансферите и на Енцо Фернандес во Челзи за 121 милион евра, на Дарвин Нуњес во Ливерпул за 85 милиони евра, потоа на Рубен Дијаш во Манчестер сити за 71 милиони евра, Гонсало Рамош во ПСЖ за 65 милиони евра…
Сите овие трансфери се само потврда која моќ за создавање ѕвезди има Бенфика, клубот кој утревечер ќе гостува на популарната „Маракана“ во Белград против Црвена ѕвезда.