Бенфика планира да му понуди 20 милиони евра на Челзи за купување на половина од правата на Жоао Феликс со цел да го врати во Португалија ова лето.
Според португалското издание „О Жого“, приоритет за Бенфика е ангажманот на Феликс, кој сака да работи повторно со својот поранешен тренер Бруно Лаже. Играчот е подготвен да прифати намалување на платата за да се врати во Лисабон бидејќи финансиската состојба на Бенфика не дозволува големи расходи.
Жоао Феликс беше продаден на Атлетико Мадрид за рекордна сума од над 120 милиони евра, но не ги оправда високите очекувања во тимот и прво беше позајмен во Челзи, а потоа во Барселона. Челзи го откупи од Атлетико, но и во Лондон Феликс имаше тешкотии и во февруари беше позајмен во Милан, кој сепак не сакаше да го задржи трајно.
Бенфика покажува интерес и за Тијаго Алмада од Ботафого. Аргентинскиот играч од средниот ред помина половина од минатата сезона како позајмен во Лион. Францускиот клуб сака да го задржи, но финансиските проблеми го ограничуваат во тоа.